ЛИЛЈАЦИТЕ МЕЃУСЕБНО КОМУНИЦИРААТ СО ГЛАСОТ НА МЕТАЛ ПЕЈАЧИ

Копенхаген, (Гардијан)

Лилјаците меѓусебно комуницираат со рикање што наликува на метал пеење и поседуваат гласовен распон со кој драстично надминуваат најголем дел од луѓето, открија научниците. Тие испуштаат ултразвуци за да лоцираат летечки инсекти во темница, но исто така користат дебели структури во гркланот наречени вентрикуларни набори за да комуницираат едни со други на ниски фреквенции.

Се верува дека користењето на звукот од вентрикуларните набори, кои се сместени над гласните жици, е ретко во животинскиот свет, што лилјаците ги става во мало, ексклузивно друштво.

„Ако слушате колонија лилјаци во лето, можете да ги чуете тие повици многу јасно. Не знаеме точно која е нивната функција. Кај луѓето, овие набори се користат само при дет метал пеењето и туванското пеење од грло“, вели професорот Коен Елеманс, кој го водеше истражувањето на Универзитетот на јужна Данска.

Многу малку луѓе имаат распон на гласот од пет октави, по што се најпознати Мараја Кери и Принс. Данското истражување откри дека лијаците имаат глас од седум октави. Тие развиле високо специјализиран грклан, што совршено им овозможува да произведуваат ултразвуци до 120 килохерци.

(Фото: Алами)