Од 14 до 17 септември ќе се одржи осмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кое е преместено од мај поради коронакризата. Фестивалот ќе се одржува во Куршумли ан, Куќа на Европа и во Кинотеката.

„И годинава важен дел од фестивалот ќе биде програмата ‘Скопје фелоушип’, во која каниме врвни издавачи и литературни агенти од цел свет за да ја доближиме македонската литература до светот. Гости во оваа програма ќе бидат Назли Бериван Ак од Турција, Јасмина Радојичиќ од Србија и Доротеа Монова и Милен Милев од Бугарија“, најавува организаторот, издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.

На вториот фестивалски ден тие ќе учествуваат на тркалезната маса „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“, а потоа ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.