ЉУБЉАНА ЗА 15 ГОДИНИ СТАНА ЕВРОПСКИ ЛИДЕР ВО РЕЦИКЛИРАЊЕ ОТПАД И НЕ ПЛАНИРА ДА ЗАПРЕ

Љубљана, (Гардијан)

Од буен зелен рид, каде што живеат елени, зајаци и желки, во далечина може да се види Љубљана. Воздухот е чист и единствените знаци дека стоите над 24 метри длабока депонија се цевки за метан, што излегуваат од тревата.

Љубљана е првиот европски главен град кој е посветен да постигне ниво на нула-отпад. Но, до пред 15 години, целиот негов отпад одеше директно на депонија.

„И тоа е скапо. Одзема простор и ги отфрлувате сите ресурси“, вели Нина Санкович од „Вока снага“, компанијата која управува со градскиот отпад.

И затоа градот решил да го промени курсот. Тоа почна во 2002 година со селектирањето на хартија, стакло и амбалажа во одделни контејнери. Четири години подоцна, градот почна да го собира биоразградливиот отпад од врата до врата, што ќе стане задолжително низ Европа дури од 2023 година. Во 2013, секој влез во градот доби канти за хартија и амбалажа, за да се постигнат импресивни резултати.

Во 2015 беше отворен Регионален центар за управување со отпад, кој денес опслужува една четвртина од Словенија (Фото: Гардијан)

Во 2008, градот рециклираше само 29,3% од својот отпад, со што сè уште значително заостануваше зад остатокот од Европска Унија. Денес, бројките изнесуваат 68%, а на депониите стигнува 80% помалку ѓубре, со што Љубљана е лидер меѓу главните градови во ЕУ, годишно произведувајќи само 115 килограми остаток од отпад по жител.

Со отворањето на најмодерната европска фабрика за третирање на биолошки отпад, градот до 2025 година планира да постигне стапка на рециклирање од најмалку 75%. Градот исто така има два центри за рециклирање, кадешто граѓаните можат да го одложат своето ѓубре и во еден од нив доаѓаат илјада луѓе дневно. Во план е и отворање на десетина нови вакви центри.

Последна иновација е што сите општински институции користат тоалетна хартија добиена со рециклирање амбалажа од млеко и сокови.