МАКЕДОНИЈА УРНА ТРИ СВОИ НЕГАТИВНИ РЕКОРДИ СО ВЧЕРАШНИОТ ДЕБАКЛ ВО АНГЛИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската фудбалска репрезентација ја имаше најпонижувачката вечер во својата 30-годишна историја, кога вчера во Манчестер изгуби од Англија со 7:0 во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија. Тоа е најтешкиот пораз на Македонија досега и со него се поништуваат уште два негативни рекорда.

До синоќа, Македонија немаше примено повеќе од шест гола на еден натпревар и никогаш не изгубила со повеќе од пет гола разлика.

Македонската репрезентација првпат почувствува што значи дебакл во јуни 1995, кога загуби со 0:5 од Белгија во Скопје во квалификациите за ЕП 1996 во Англија.

Во 2001, двапати беше поразена со овој резултат: прво од Словачка на Градски стадион во Скопје во квалификациите за СП 2002, а потоа и на пријателскиот натпревар со Унгарија во Будимпешта.

Единствениот пат кога Македонија прими шест гола беше на мечот против Чешка во Теплице, во рамките на квалификациите за СП 2006. Сепак, конечниот резултат беше 6:1, откако поведовме со голот на Пандев во 13. минута.

Г. КОНЕВ

(Фото: АП)