Колку среќни можат да бидат жителите на Карбондејл, Илиноис?
Астрономските пресметки кажуваат дека едно место на Земјата може да сведочи на целосно помрачување на Сонцето само еднаш во 375 години. Сепак, 30.000 жители на ова гратче на американскиот Среден Запад ќе ја имаат оваа можност по вторпат за само седум години. Исто така, помрачувањето на 8 април ќе биде подобро од она што го гледаа во 2017 зашто небото ќе биде темно четири минути и девет секунди, речиси двојно подолго од претходниот пат.
Се очекува 200.000 луѓе да дојдат тој ден во Карбондејл за да уживаат во небесниот спектакл.
Во 2017, патеката на целосното помрачување се движеше од Орегон на американскиот северозапад до Јужна Каролина на североистокот, со што опфати помалку населени предели и многу национални паркови. Претстојниот настан ќе покрие и некои големи урбани области во САД, како Далас, Индијанаполис, Кливленд и Бафало.
„Околу 31,5 милиони луѓе едноставно ќе можат да излезат од своите домови и да го гледаат помрачувањето“, вели Кели Корек од НАСА.
Годинашното целосно помрачување ќе почне над Кукови Острови во Тихиот Океан во 17:40 часот по средноевропско време. Преку мексиканскиот брег и реката Рио Гранде ќе премине од Мексико во САД, каде што ќе може да се види во 13 сојузни држави, а потоа спектаклот се сели над канадските провинции Њу Брансвик и Њуфаундленд. Сенката на Месечината ќе се тргне од лицето на Земјата над Атлантскиот Океан, околу 1.200 километри западно од Нормандија, Франција.
Европа овојпат ќе биде одмината.
Целосните затемнувања на Сонцето обично се случуваат на неколку години, често среде никаде, како во Јужен Пацифик или на Антарктик. Следното целосно затемнување ќе пристигне во 2026 и ќе може да се набљудува по северните рабови на Гренланд, Исланд и Шпанија.