Проектот „Showcase“ на Матеа Мијановиќ, во продукција на „Инкубатор“ – платформа за млади уметници, премиерно ќе се изведе на 30 октомври (20 часот) во Младински културен центар во Скопје.
Мијановиќ го создаде проектот во соработка со уметниците Анастасија Данчевска и Дејан Битровски. Учествуваат музичарот Теодор Јаневски и танчарките Сара Димоска, Клара Христовска, Јоана Благадуша, Моника Шолевска, Илина Костова, Теона Ѓуровска, Нина Петрушевска, Надја Лукановска, Ивона Маневска, Елена Стојкоска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Микаела Колцункова (Словачка), Сара Крковиќ (Црна Гора) и Марија Андовска, кои се дел од Катедрата за современ атнц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
„Идејата врз која се базира продукцијата е соработката на млади уметници од категориите музика, танц и визуелни уметности. Проектите ‘Деконструкција/Котел’ и ‘Bounce With Me’ се резултат на повеќедневни работилници со младите уметници. Првата кореографија се бави со готова кореографија која низ процес на истражување се деконструира и се прилагодува на нов контекст во интерпретацијата. Во втората кореографија Битровски поминува низ процес на создавање со младите уметници, од импровизација до кореографија“, вели Мијановиќ.