Луна Радонјанин, матуранткa во меѓународното училиште „Нова“ во Скопје, е примена да студира невронаука на Њујоршкиот Универзитет во Шангај, Кина. Ќе се посвети на изучување на човековиот нервен систем поради нејзиниот интерес за природните науки и човековото тело. Патот до овој престижен универзитет не бил лесен, но вели дека има авантуристичкиот дух, а и дека секој што има јасна цел, визија и напорно работи може да го достигне тоа што го замислил без разлика колку изгледа далеку и недостижно.
- Повеќето матуранти најчесто сонуваат да го продолжат образованието во САД или пак во Западна Европа, но вие решивте да заминете за Шангај. Што ве привлече токму во оваа земја?
Отсекогаш сум сакала за моите студии да отидам некаде надвор од Македонија, бидејќи сакам да соберам што е можно повеќе нови искуства кои што ќе ми помогнат да ги проширам моите знаења за светот. Потоа ќе можам и да ги споделам тие искуства со фамилијата, пријателите и со секој што е заинтересиран да ги слушне. Исто така, како малечка имав прилика три години да живеам во Шангај и од тоа време имам многубројни убави сеќавања што ме привлекуваат кон студирање таму. Но, знам и дека Кина е позната по нејзината брза променливост и сакам повторно да стекнам нови искуства од перспектива на студент.
- Ќе студирате на Њујоршкиот Универзитет во Шангај, што ве мотивираше да аплицирате токму таму и која област ќе ја изучувате?
Планирам да ја изучувам областа невронаука, наука за нервниот систем. Кога пронајдов дека Њујоршкиот Универзитет има кампус во Шангај веднаш се заинтересирав за програмите што ги имаат и невронаука беше една од тие што ме привлекоа поради мојот интерес за природните науки и човечкото тело. Тоа што Њујоршкиот Универзитет има високи академски признанија во цел свет, исто така, посебно ми значеше кога одбрав да аплицирам таму, бидејќи моментално едукацијата ми е најбитна. И кога ставив неколку граници на мојот избор за универзитети како програма и локација, мојата одлука беше дефинитивно за Њујоршкиот Универзитет во Шангај.
- Како стигнавте до овој универзитет? Колку беше тежок патот што мораше да го поминете за да дојдете до Њујоршкиот Универзитет во Шангај?
Летото пред четвртата година во гимназијата, барав универзитети на Интернет со едукативни програми што ми интересираат. Мене ми беше битно да најдам универзитети кои преку начинот на кој се претставуваат ќе ми овозможат јас самата да се замислам таму. Њујоршкиот Универзитет беше еден од универзитетите што се појавија кога ги истражував универзитетите во Азија. И претходно имав слушнато за Њујоршкиот Универзитет, но не знаев дека имаат кампус и во Шангај и тоа ме израдува заради можноста повторно да живеам во тој град. Со Интернетот, не беше тешко да се пронајдат универзитетите. Најтешкиот дел до доаѓање до Њујоршкиот Универзитет во Шангај беше пополнувањето на обемната апликација и пишувањето на двата потребни есеи, еден во врска со моите интереси и еден зошто го одбирам токму тој универзитет. Со тоа што никогаш во живо не сум го видела универзитетот требаше да размислам малку повеќе на втората тема, но тоа ми овозможи да станам посигурна во мојата одлука.
- Дали се посветивте на изучување на кинескиот јазик кога дознавте дека сте примена?
Од почетокот на мојата четврта година, кога дознав дека ќе има часови по кинески јазик во мојата гимназија „Нова”, се пријавив. Решив да го изучувам кинескиот јазик барем една година, без оглед на тоа дали ќе ме примат на Њујоршкиот Универзитет во Шангај или не. За среќа, ме примија. Таа одлука на почетокот на годината ќе ми помогне полесно да продолжам понатаму да го изучувам кинескиот јазик во Шангај.
- Што очекувате од ова ново поглавје во вашиот живот? Од што најмногу сте воодушевени и на што се радувате пред да заминете во Шангај?
Јас не случајно одбрав да аплицирам на универзитет надвор од Македонија каде што ми е сè познато, за да соберам нови искуства со тоа што комплетено ќе излезам од мојата комфорна зона. Но и покрај непознатото, јас знам дека учењето таму е добра одлука, бидејќи што и да се случи јас ќе соберам скапоцено искуство. Исто така, возбудена сум за тоа што за прв пат ќе треба комплетно сама за себе да се грижам, за пријателите што ќе ги запознаам и за сите нови доживувања.
- Ученичка сте во „Нова“ од основно училиште. Колку оваа образовна институција ве обликуваше и ви помогна да се запишете на универзитетот за кој сонувавте?
Во „Нова” ги учев сите предмети на англиски јазик, што е една од најбитните работи, заедно со програмите што ни се овозможени да ги следиме како „AP -Advanced Placement” и „IB – International Baccalaureate”, од кои што јас ја одбрав првата и ми помогна да го разберам американскиот образовен систем и да се чувствувам повеќе подготвена за предизвиците со кои што ќе се соочам на универзитет. Училиштето низ сите години ми даваше поддршка во форма на совети од професорката Бела Глигорова, консултант за уневерзитети, што ме охрабруваше дека секогаш е добро да се проба. Исто така, имав поддршка и од останатите професори со нивните предавања подобро да го научам материјалот, а не само да ги положувам тестовите.
- Што би им препорачале на младите луѓе во Македонија кои би сакале да се запишат на престижен универзитет од калибарот на Њујоршкиот Универзитет во Шангај?
Јас би им препорачала на сите што сакаат да се запишат на било кој универзитет кој што тие мислат дека им одговара, дека треба да дадат напор да постигнат добри резултати во училиштето и надвор од него, во форма на лични проекти во полињата што најмногу ги сакаат. И да бидат отворени кон сите други полиња, со тоа што ќе се обидат да ги разберат пред да согледаат дека не се за нив. Универзитетите посакуваат студенти што имаат пошироки знаења, така што ќе се вклопат со атмосферата што тие ја граделе со години. И најбитно е, никој да не се обесхрабрува од аплицирање на престижен универзитет мислејќи дека нема шанси тој сон да го оствари.