Остатоци од легендарен американски воен брод, потопен за време на Втората светска војна, се пронајдени 800 километри од источниот брег на Австралија, од истражувачка експедиција финансирана од коосновачот на „Мајкрософт“, милијардерот Пол Ален.
Носачот на авиони „Лексингтон“ е лоциран на длабочина од три километри. Тој бил уништен во текот на Битката во Коралното Море, што траела од 4 до 8 мај 1942 година, при што загинале над 200 американски војници.
Објавените фотографии покажуваат дека остатоците се добро зачувани. Покрај бродот се пронајдени и 11 од 35-те авиони што ги превезувал.
Битката во Коралното Море се смета за клучен момент во запирањето на јапонското напредување на Пацификот. „Лексингтон“ потонал откако бил погоден од неколку јапонски торпеда и бомби. Според податоците на американската морнарица, притоа загинале 216 војници, додека над 2.000 биле спасени. Остатоците од бродот нема да се вадат, бидејќи местото се смета за воени гробишта.
„‘Лексингтон‘ беше на нашата приоритетна листа, како еден од капиталните бродови потопени во Втората светска војна“, изјави Роберт Крафт, портпаролот на „Вулкан“, компанија која го водеше истражувањето.
Истата компанија е заслужна и за пронаоѓањето на бродот „Индијанаполис“, потопен во јули 1945 година.