Изложбата „Балканска геометрија“ на Милош Милосављевиќ е отворена во Ликовниот салон во Велес. Авторот низ 18 дела работени во масло на платно се претставува по вторпат пред велешани. Првпат изложуваше по отворањето на салонот во 2008.
„На секое дело може да се забележи дека е присутен ѕид, кој е метафора за процес на дезинтеграции, за поделби, процеси кои се присутни на Балканот. Тоа што го живееме на овој простор 30 години јас го обликувам естетски, на мој специфичен јазик. Овие мои емоции преточени во слики се мој бунт против сѐ што ни се случува. Овде на Балканот нешто што функционира ќе го скршиме, па се трудиме да го залепиме“, кажа за неговите дела Милосављевиќ.
Ова е негова 16. самостојна изложба, која претходно беше поставена во Ниш, Врање, Нови Пазар и Скопје.
Милосављевиќ е роден во Ниш и предава на АУЕ-ФОН, каде што е декан на Факултетот за дизајн и мултимедија.
П. ПЕЧКОВ