МЛАДИТЕ УМЕТНИЦИ СЕРХАТ ЕМРУЛАИ И НАЃА КРАЧУНОВИЌ СО ИЗЛОЖБА ВО МСУ НА 5 СЕПТЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Самостојни изложби на младите уметници Серхат Емрулаи и Наѓа Крачуновиќ ќе се отворат на 5 септември во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Станува збор за добитниците на наградата „Најуспешен автор и дело“, која им беше доделена минатата година на 14. Меѓународно биенале на млади уметници „Будења“. Емрулаи тогаш победи со инсталацијата „Помеѓу“, а Крачуновиќ ја доби наградата за видеоперформансот „Хидра“.

Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.

Серхат Емрулаи на изложбата ќе се претстави со инсталацијата „Се селиме на нова локација“. Роден во Германија во 1989, тој прво студирал ликовна педагогија на Академијата за ликовни уметности во Тетово, а по преселбата во Италија во 2016, се запишал на Академијата за ликовни уметности во Венеција, каде што дипломирал и магистрирал сликарство.

Српската уметница Наѓа Крачуновиќ (1996) ќе се претстави со самостојна изложба насловена „Во име на мајка, во презиме на татко“ и со перформансот во живо „Во твое име“. Таа е мултидисциплинарна уметница која живее и работи во Вајмар, Германија.