МНТ ЈА НАЈАВИ ПРЕМИЕРАТА НА КОМИЧНАТА ПРЕТСТАВА „ЛАГАТА“ ЗА 15 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Комичната претстава „Лагата“ премиерно ќе се изведе во Македонскиот народен театар на 15 октомври. Работена е според текст на современиот француски писател, драматург, сценарист и режисер Флоријан Зелер, а режијата е на Бесфорт Идризи.

Во претставата играат Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска.

„‘Лагата‘ говори за тоа колку можеме да бидеме искрени, особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже. Иако при првиот контакт со текстот може да се добие впечаток дека негова главна тема е брачниот однос или неверството, тој, пред сè, се занимава со лагата како феномен. Живееме во ‘лажно време‘, односно во време кога лажењето е општоприфатена пракса. Оттаму и идејата да се работи токму овој текст, при што преку еден комичен пристап се фокусираме на вакви општествени појави“, вели Идризи.

Сценографијата е на Крсте Џидров-Џиби, костимографка е Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика ја потпишува Игор Василев-Новоградска.

Следните изведби се закажани на 21 и 29 октомври.