МОСКВА СЕ ДЕКОРИРА СО ВЕШТАЧКИ СНЕГ ЗА НОВА ГОДИНА ПО НАЈТОПЛАТА ЗИМА ДОСЕГА

Москва, (Гардијан)

Москва беше толку топла овој декември што власта мораше да го декорира центарот на градот со вештачки снег за новогодишната прослава. Градот кој секоја година троши милиони за отстранување на снегот сега го довезе со камиони за потребите на натпревар во сноубординг.

„Ова е целиот снег во Москва и има обезбедување на Црвениот плоштад“, се пошегува еден корисник на Инстаграм.

(Фото: Твитер)

Московскиот регион е среде најтоплата зима во последните 140 години, кога температурите почнале редовно да се следат. На 18 декември беа измерени 5,4 Целзиусови степени, со што беше израмнет рекордот од 1886 година.

Топлото време ја прекина хибернацијата на животни во зоолошката градина, па некои од нив беа сместени во посебни ладилници. Москва вообичаено е под снег уште од октомври/ноември, но она што досега падна, главно се истопи. Затоа градските власти решиле да донесат вештачки снег.

Владимир Путин неодамна кажа дека климатските промени се голема закана за Русија, при што земјата се загрева 2,5 пати побрзо од просекот за планетата.