НА АНТАРКТИК СЕ СОЗДАДЕ НАЈГОЛЕМАТА САНТА НА СВЕТОТ, РЕЧИСИ ЧЕТИРИ ПАТИ Е ПОГОЛЕМА ОД ЊУЈОРК

Брисел, (Гардијан)

Огромна плоча мраз, речиси четири пати поголема од Њујорк, се откина од замрзнатиот раб на Антарктик во морето Ведел, станувајќи најголема санта на светот, објави Европската вселенска агенција. Новоформираната правоаголна санта, која од научниците го доби името А-76, беше забележана на последните сателитски снимки направени од мисијата „Коперникус Сентинел-1“.

Таа има површина од 4.320 квадратни километри, долга е 175, а широка 25 километри. За споредба, вкупната површина на Њујорк изнесува 1.213, а на шпанскиот остров Мајорка 3.640 квадратни километри.

А-76 со своите димензии ја надминува досега најголемата санта А-23А, која има 3.380 квадратни километри и исто така плови по морето Ведел.

Периодичното откинување на огромни парчиња од ледени плочи е дел од природниот циклус. Сепак, некои плочи долж Антарктик забрзано се распаѓаа во изминатите години, што научниците веруваат дека е последица на климатски промени.