НАГРАДАТА БУКСТАР ЗА МАРОКАНСКО-ШПАНСКАТА ПИСАТЕЛКА НАЏАТ ЕЛ ХАЧМИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шпанско-мароканската писателка Наџат ел Хачми е годинашната добитничка на наградата Букстар, што ја доделува истоимениот литературен фестивал во Скопје. Таа ќе пристигне во Скопје за отворањето на фестивалот, кога ќе ѝ биде врачена оваа награда за книгата „Во понеделник ќе нè сакаат“.

Романот беше објавен истовремено на каталонски и шпански јазик во 2021, а две години подоцна се појави и на македонски, во превод на Лара Прокопиева.

„Наџат ел Хачми создала ракопис што без компромиси и самоцензура говори за траумите, личната идентитетска одисеја, трагиката на невдоменост и транзитноста. Ова чувство се поврзува со мигрантите, односно оние кои напуштиле една култура за да се вдомат во друга. Тоа вдомување најчесто означува само просторен поим, бидејќи мигрантите и понатаму ги практикуваат традициите на својата матична заедница, речиси како да не заминале“, се вели во образложението на наградата.

Родена во Мароко во 1979, Ел Хачми пишува за феминистички теми. На осумгодишна возраст емигрирала со семејството во Каталонија, а почнала да пишува кога имала 12 години.

Букстар ќе се одржува од 2 до 4 октомври, а останати најавени гости се Миљенко Јерговиќ (Хрватска), Лидија Димковска (Македонија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Велика Британија).