НАЈДЛАБОКАТА КОПНЕНА ТОЧКА НА ЗЕМЈАТА ОТКРИЕНА НА АНТАРКТИК

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Најдлабоката копнена точка на Земјата е пронајдена во источниот дел на Антарктик, под глечерот Денман.

Кањонот исполнет со мраз достигнува до 3,5 километри под површината на морето и подлабоки точки можат да се пронајдат само во океаните.

Откритието е илустрирано на новата мапа на „белиот континент“, која до досега невидени детали го открива обликот на она што се наоѓа под ледената покривка. Научниците велат дека ова може да биде клучно во нашето разбирање на тоа како Јужниот Пол би можел да се менува во иднина.

Колку за споредба, најниското изложено копно на Земјата, што се наоѓа на брегот на Мртвото Море, е на само 413 метри под површината на морето.

„Ова, без сомнение, е досега најпрецизниот портрет на она што се наоѓа под ледената покривка на Антарктик“, изјави д-р Матју Морлигем, кој работел на проектот шест години.

Радарските инструменти со децении поминуваат преку Антарктик, испитувајќи ја топографијата под површината, но за големи пространства и натаму има малку податоци.