По шест години следење, викендов во националниот парк Маврово беше фатен рисот со ознака Б8, кој важи за најголем примерок досега регистриран на Балканот.

Тежок дури 27 килограми, тој беше фатен во специјална стапица во близина на селото Сенце и посебен тим од стручњаци и волонтери потоа му закачи уред, со помош на кој отсега полесно ќе може да се следи неговото движење и ќе се добиваат нови сознанија за овој подвид рисови.
Откако првпат бил забележан во 2013 година, Б8 бил снимен на камера на 12 различни локации низ паркот и новиот уред веќе почнал да дава податоци за неговото движење. Во наредните два месеца ќе може да се дознае многу повеќе за неговите навики на исхрана и живеење.
Сега кога Б8 конечно беше запознат одблиску, екипата „Балкан линкс“ покрена иницијатива да му се даде вистинско име на рисот, при што во опција се Бистри, Филип, Јован, Мујо, Сенко и Вир.