Пакистанскиот премиер Имран Кан ѝ се заблагодари на легендарната американска пејачка Шер за нејзините лични заложби да му се обезбедат подобри услови за живот на слонот Каван, кој денеска конечно ќе ја напушти зоолошката градина во Исламабад и ќе биде преселен во засолниште во Камбоџа.
За преселбата на „најосамениот слон на светот“ долги години лобираше коалиција на посветени волонтери, која притоа доби голема поддршка од Шер, која кажа дека лично ќе плати за неговиот транспорт до новиот дом.
Каван 35 години страдал во зоолошката градина во Исламабад, добар дел од времето бил врзан со синџири, а пред осум години останал сосема сам откако угинала неговата придружничка Сахели, со која биле неразделни од 1990. Стотици илјади луѓе потпишаа петиција со која се бараше Каван да добие нов дом и подобра грижа.
Шер првпат слушнала за случајот на Каван во 2016, по што ангажирала тим од адвокати за да притисне за негово ослободување, што конечно беше одобрено во мај годинава.
Сепак, активистите велат дека борбата за добросостојбата на Каван е далеку од завршена, зашто му претстои долготрајно физичко и психичко заздравување.