НАСА ПРОГЛАСИ ГОЛЕМ УСПЕХ ОТКАКО КАПСУЛАТА „ОРИОН“ БЕЗБЕДНО СЕ ВРАТИ НА ЗЕМЈАТА

Флорида, (АП)

НАСА успешно ја врати капсулата „орион“ на Земјата по 26-дневната мисија во орбитата на Месечината. Таа падна во Пацифичкиот Океан по жестокиот влез во Земјината атмосфера и спуштањето кое беше ублажено со 11 падобрани.

Бидејќи ова беше само проба, во капсулата овојпат немаше човечки екипаж, но тоа ќе се промени на следните посложени мисии, кои треба да почнат во 2024 година, додека враќањето на Месечината се планира за 2025 или 2026 во рамките на програмата „Артемис“.

Со ‘Аполо‘ невозможното го направивме возможно. Сега го правиме истото, но со друга цел. Овојпат одиме на Месечината за да научиме да живееме, работиме и креираме, со цел да овозможиме натамошни истражувања на вселената. Планот е да одиме со луѓето на Марс во втората половина на 2030-ите“, изјави шефот на НАСА, Бил Нелсон.

НАСА го опиша синоќешното враќање на „орион“ на Земјата како приоритет број еден, бидејќи повторното влегување во Земјината атмосфера се случува при брзина од речиси 40.000 километри на час. Капсулата го преживеа тоа и падна близу мексиканскиот остров Гвадалупе.

Оваа мисија беше огромен успех за нас. Ова ни кажува дека леталото ја има потребната заштита и сега ќе продолжиме со работа за да можеме да ставиме луѓе во него“, додаде Нелсон.

Капсулата во најблиската точка беше оддалечена 130 километри од површината на Месечината и на првиот пробен лет се тестираа маневри и системи кои подоцна ќе се користат во програмата „Артемис“.