НАСА ги објави првите фотографии во висока резолуција од зајдисонцето видено од Месечината. Фотографиите ги сними приватното летало „Блу гоуст“, чија мисија заврши по 14 дена. На нив се видливи и Земјата и Венера.
Комерцијалното летало на фирмата од Тексас „Фајрфлај аероспејс“ слета на североисточната страна на Месечината на 2 март.
„Ова се првите фотографии во висока резолуција од сонцето како заоѓа и потоа оди во темнина на хоризонтот. Самите фотографии се прекрасни и навистина естетски“, изјави Џоел Кирнс, заменик-директорот на НАСА за вселенски мисии и истражувања.
Сјајот на лунарниот хоризонт првпат бил документиран од Јуџин Кернан, еден од двајцата последни астронаути кои стапнале на Месечината во 1972.