НАШЕТО СЕМЕЈСТВО СЕГА Е КОМПЛЕТНО, КАЖА ДЕВОЈКАТА НА КРИСТИЈАНО РОНАЛДО

Мадрид, (Мирор)

Хеорхина Родригес, девојката на Кристијано Роналдо, изјави дека нивното семејство сега е комплетно и посреќно од кога било, позирајќи со новородената ќерка Алана Мартина, само два дена по породувањето.

Семејството на Кристијано Роналдо сега брои шест члена (Фото: Инстаграм)

„Да се биде мајка и да се води грижа за деца е искуство што ми донесе невидена среќа и сега, со доаѓањето на Алана Мартина, нашето семејство е комплетно“, напиша Хеорхина на Инстаграм.

Алана Мартина е четврто дете на најдобриот светски фудбалер, но за разлика од претходните случаи, тој сега објави фотографии на социјалните мрежи веднаш откако таа се роди.

Првите три деца, седумгодишниот Кристијано Јуниор и петмесечните близнаци Ева Марија и Матео, беа родени од сурогат мајки во САД.