„НАТАН МУДРИОТ“ ГО ОТВОРИ ГОСТИВАРСКИОТ ТЕАТАР

Гостивар, (СМАРТ СДК.МК)

Со премиерата на претставата „Натан мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг, во режија на Сулејман Рушити, синоќа почна со работа Гостиварскиот  театар.

„Театарот е храм на јазикот и културата и ако не го поддржуваме, стануваме странци во сопствената душа. Тој е место каде што се спроведува мисијата за расветлување на природата на човекот, неговите желби, одлуки, внатрешни и општествени соочувања во борбата за подуховен и поправеден свет и место за најискрен дијалог со публиката“, кажа министерот за култура Исмаили.

Во претставата се говори на албански, македонски и турски јазик со цел и јазично да се пренесе атмосферата на мултиетничкото и мултикултурно општество на тогашниот Ерусалим, но, како што велат од Министерството за култура, и универзалната и безвременска вредност на хуманото дело на Лесинг.

Во претставата играат Висар Вишка, Шеќерие Илјази, Дритон Лазами, Ариан Ејупи, Ајше Усеини, Сенад Абдули, Береда Решит, Елмир Сејфулаи и Вјолца Бафтиу-Зилбехари. Сценографијата е на Арѓент Караи, костимите се дело на Инес Голја, а музиката во живо ја изведоа Аднан Алиу (кавал) и Драган Матески (тапани).