НАУЧНИЦИ ЌЕ ДУПЧАТ ВО МИЛИОН ГОДИНИ СТАР МРАЗ НА АНТАРКТИК ЗА ДА СФАТАТ КАКО СЕ МЕНУВАЛА КЛИМАТА

Сиднеј, (Гардијан)

Научниците се подготвени да почнат со дупчењето во милион години стар мраз на Антарктик кој би можел да содржи клучни информации за минатото на планетата и да помогне во предвидувањата на климата.

Австралиската агенција за истражување на Антарктик претстави дупчалка дизајнирана да продре три километри под површината на замрзнатиот континент.

„Она што ќе се обидеме да постигнеме во наредните неколку години е да решиме еден од последните големи проблеми на климатологијата“, вели глациологот Тас ван Омен.

Мразот, за кој се верува дека е стар до 1,5 милиони години, е предмет на неколку меѓународни истражувачки проекти.

„Ќе погледнеме во ситните, замрзнати меурчиња заробени меѓу снегулки во мразот. Тие меурчиња се временски капсули на атмосферата од минатото. Сакаме да стигнеме до тој мраз, да ги анализираме тие временски капсули и да сфатиме што направил јаглероден диоксид пред еден милион години кога се менувала климата. Сакаме да разбереме дали јаглеродниот диоксид што го испуштаме во атмосферата може да има долгорочни последици по Земјата“, додаде Ван Омен.

Дупчалката, направена од не‘рѓосувачки челик, титаниум и алуминиумска бронза, може да издржи температури до -55 Целзиусови степени, а ќе биде поставена 1.200 километри во внатрешноста на континентот.