„Игра на тронови“ освои 12 награди Еми за својата последна, осма сезона, но големото изненадување на вечерта беше „Флибег“, чија авторка Фиби Волер-Бриџ си замина со три статуетки.

Фиби Волер-Бриџ и „Флибег“ се меѓу големите победници на вечерта (Фото: АП)

И покрај измешаните критики за финалето на една од најпопуларните серии на сите времиња, „Игра на тронови“ по четврти пат беше прогласена за најдобра драма и го собори сопствениот рекорд од 2015 година со 12 освоени награди од исто така рекордни 32 номинации. Од деветте номинирани актери, кои во некои категории се бореа едни против други, со Еми се закити само Питер Динклиџ за најдобра споредна машка улога во драмска серија.

И досега рекордер, „Игра на тронови“ заминува во историјата со 58 освоени награди Еми.

Иако за конкурент ја имаше последната сезона на „Потпретседателка“, „Флибег“ стигна до голем триумф, славејќи во шест категории, од кои и најдобра комедија и најдобра актерка (Волер-Бриџ).

„Чернобил“ освои десет награди и беше прогласена за најдобра минисерија.