НБА планира ширење и формирање нова европска лига со Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА). Првичниот план предвидува лига со 16 екипи, од кои 12 би биле постојани членки, а уште четири би влегле преку квалификации.
„Според планот што се разгледува, новата лига ќе биде интегрирана во актуелниот европски кошаркарски пејзаж, со тимови кои исто така ќе учествуваат во нивните соодветни национални лиги“, објави НБА.
Најдобрите европски клубови моментално се натпреваруваат во Евролига, која беше почната од ФИБА, а од 2000 ја води посебно евролигашко здружение.
„Чувствуваме дека сега е време да преминеме во следната фаза. На состанокот на нашиот борд имаше ентузијастичка поддршка од сопствениците на НБА-клубовите за да продолжиме да ја истражуваме оваа можност“, изјави комесарот на НБА Адам Силвер.
Тој појасни дека засега ништо не е договорено и не кажа кои клубови би учествувале. Додаде дека мечевите би се играле според европскиот стандард од 40 минути, а не 48 минути како во НБА-лигата.
(Фото: Гети)