НЕАПОЛСКОТО ВРТЕЊЕ НА ПИЦА ТЕСТОТО ЗАШТИТЕНО ОД УНЕСКО

Неапол, (АФП/Ројтерс)

Неаполската пица влезе на листата на заштитено нематеријално наследство на УНЕСКО, обезбедувајќи го посакуваниот статус заедно со бројни културни богатства.

Уметноста на пица-мајсторите да го вртат тестото во воздух, која со генерации се пренесува во јужниот италијански град Неапол, беше призната од Комитетот за светско наследство на културното тело на ОН. Тоа доаѓа откако околу два милиона луѓе се приклучија на петицијата за поддршка на апликацијата во Неапол.

Два милиона луѓе се приклучија на петицијата за поддршка на апликацијата во Неапол

„Ако старата кулинарска традиција се приклучи на престижната листа, ќе делиме бесплатна пица“, изјави претходно Серџо Мицу, претседател на Асоцијацијата на пица-мајстори од Неапол.

Кога се подготвува тестото за пица, тоа се фрла и се врти во воздух, што, пак, преминало во традиционален ритуал, со пеење песни и раскажување приказни.

Познато е дека најпопуларната пица од Неапол, „маргарита“, е создадена во 1889 година од локален готвач во чест на кралицата Маргарита, која била во посета на градот и затоа на неа ги има боите на италијанското знаме, црвена, бела и зелена.

Други нематеријални наследства што годинава се најдоа на листата се Чоган – иранска игра со јавање, придружена со музика и раскажување приказни и Нсима – кулинарска традиција со пченка од африканската држава Малави.

На листата на УНЕСКО веќе се вклучени повеќе од 350 традиции, уметнички форми и ритуали.