НЕМАМ ВРЕМЕ ДА МРАЗАМ, ВЕЛИ ДАНИ ДИМИТРОВСКА, КОЈА СНИМИ СПОТ ЗА ПЕСНАТА „ПИЈАНА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дани со песната „Пијана“ беше топло пречекана од публиката на Макфест, на кој се врати по пет години пауза. Музиката и текстот се на Весна Малинова, а аранжманот на Јордан Манов.

„‘Пијана’ вибрира љубовно со позитивен пристап кон себе. Опиени од љубов и среќа е убаво ‘пијанство’ за да немам време да мразам и на луѓе да газам“, ни рече Дани Димитровска во Штип.

Таа сними и спот заедно со „2by4 продукција“. Го монтираше Ени Вучидолова

„Реални сопнувања, паѓања и будалаштини се задржани и прикажани во видеото како потсетник на тоа дека сме живи луѓе, создадени за слобода, емотивна размена и соединување“, вели Дани.

Наскоро ќе слушнеме уште една нова песна од Дани, за која вели дека е најразлична од сѐ што снимила досега, но се надева дека ќе ѝ се допадне на публиката затоа што има важна порака да пренесе. Пејачката вели дека веќе закажала концерт во Скопје, на 4 октомври 2025 во Филхармонијата.

М. ЏАРОВСКА