Норвешките археолози се надеваат дека овој месец ќе го довршат ископувањето на редок, закопан викиншки брод во Гјелестад, древен локалитет југоисточно од Осло. Тоа е прво такво ископување во Норвешка во последните стотина години.
Поголемиот дел од бродот кој пловел по океанот изгнил низ вековите, но археологот Кнут Паше верува дека распоредот на железните клинци ќе помогне да се изгради негова целосна реплика. Подземното радарско испитување покажа дека бродот бил долг 19, а широк пет метри, што е на ниво на двата добро зачувани викиншки брода кои се изложени во Осло.
Викинзите почнале да користат едра во 9. век, но сѐ уште им требале силни веслачи за нивните легендарни патувања. Со овие бродови, тие патувале околу Британски Острови, се населиле на Исланд и Гренланд и стигнале сѐ до Северна Америка.
Воениот брод од Гјелестад датира од предхристијанскиот викиншки период од 750 до 850 година.
„Сѐ уште не знаеме дали ова е веслачки брод или едреник. Некои други бродови го имаат комбинирано ова“, вели Паше.
Гјелестад е големо погребно место и тука се пронајдени 20 гробови.
„Закопувањето на бродот би можело да биде за крал, кралица или јарл, односно благороднички воин. Пронајдени се и коски од големо животно, коњ или бик, но не и човечки коски“, додава Паше.