По девет години изградба, современ телескоп поврзан со најголемата камера на светот е подготвен да го промени нашето разбирање за вселената. Сместен на врвот на пуста планина во сушниот чилеански регион Кокимбо, опсерваторијата „Вера Рубин“ буквално гледа надвор од овој свет.
Опсерваторијата се карактеризира со ротирачка купола која се расцепува во огромен број агли. Оваа необична изолирана структура е срцето на проект вреден 1,9 милијарди долари кој ќе почне да го мапира небото најрано во 2025 година.
„Ова е многу специјален телескоп, поинаков од другите зашто ќе го истражува ноќното небо. И многу ќе се движи“, изјави Жак Себаж, менаџерот на проектот.
Телескопот има огледало со дијаметар од 8,4 метри и е опремен со најсовремена камера од 3.200 мегапиксели. Дизајниран е да долови досега невиден број астрономски податоци во десетгодишно истражување. Секоја ноќ ќе детектира десет милиони вселенски настани, од движења на астероиди до експлозии на супернови.
„Пред ова, телескопите гледаа мали области од вселената, барајќи конкретни информации за многу специфичен проблем, но ова е како светилник, осветлува различни делови од небото. Тоа е најбрзо движечкиот телескоп некогаш изграден“, вели Себаж.
Чиле е дом на голем број важни астрономски центри. Височината на Андите и недостатокот на светлосно загадување во ретко населените пустински области создаваат идеални услови за гледање на небото. Местото каде што е изграден новиот телескоп во просек има 256 ведри ноќи годишно.