Комисијата за наркотички дроги на Обединетите нации го тргна канабисот од листата на опасни и високо зависни дроги, како хероин. ОН и натаму смета дека канабисот треба да биде контролирана супстанца, но ова би можело да ги олесни ограничувањата во истражувањата за неговата терапевтска употреба.
САД ја поддржаа одлуката, за разлика од Русија, која смета дека „марихуаната е најупотребуваната дрога на светот“.
Гласањето во ОН следеше откако Светската здравствена организација и нејзиниот експертски комитет за зависноста од дроги препорачаа марихуаната да се избрише од најстрогата, четврта листа од Конвенцијата за наркотички дроги, усвоена во 1961 година.
Комитетот на СЗО забележува дека канабисот може да има негативни ефекти и да предизвика зависност, но исто така, придонесува за намалување на болка и мачнина и ги олеснува симптомите на некои медицински состојби, како анорексија, епилепсија и мултипла склероза. За разлика од опиоидите, како фентанил, канабисот не се поврзува со значителен ризик од смрт.
Канада и Уругвај се единствените држави на светот кои целосно ја имаат легализирано марихуаната, што го направија и неколку американски сојузни држави.