ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ ЗА СТИПЕНДИИ ЗА МАГИСТЕРСКИ СТУДИИ ВО ФРАНЦИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Францускиот институт во Скопје го објави годишниот конкурс за стипендии France Excellence, наменет за македонски студенти кои сакаат да ги продолжат своите студии во Франција на ниво мастер за академската 2026/27 година.

„Програмата France Excellence претставува можност за млади таленти да се стекнат со диплома на француски високообразовни установи, со финансиска поддршка која покрива дел од трошоците поврзани со студиите и престојот“, велат од Институтот.

Покрај финансиската поддршка, стипендистите имаат пристап до низа дополнителни придобивки, вклучувајќи сместување и здравствено осигурување.

На конкурсот можат да аплицираат кандидати со македонско државјанство на возраст до 30 години. Предност ќе имаат кандидати кои планираат студии на француски јазик, особено во областа на природните науки, но ќе се разгледуваат и кандидатури за програми на англиски јазик. Селекцијата ќе се врши врз основа на повеќе критериуми, а особено од досегашниот успех во студиите, мотивацијата на студентот, квалитетот, издржаноста и кохерентноста на планот за студии во Франција и професионалниот проект на студентот.

Краен рок за пријавување е 15 мај 2026.