ОД СКОПЈЕ И ОХРИД ОД ДЕНЕСКА ПОВТОРНО МОЖЕ ДА СЕ ЛЕТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид од денеска повторно се отворени, иако македонските државјани не добија дозвола да патуваат во земјите од Европската Унија, што ќе биде на сила најмалку до 15 јули.

Одлуката за затворањето на аеродромите беше донесена на 16 март, кога бројката заразени со коронавирусот сѐ уште беше мала – 24, а сега таа изнесува 6.454 и продолжува секојдневно расте.

За првиот ден беа најавени 28 летови со вкупно 1.700 патници и прво пристигнаа два авиона од Истанбул.

За работата на аеродромите беа донесени и посебни протоколи: патниците треба да дојдат најмалку три часа пред полетувањето, носењето маска е задолжително и треба да се одржува физичка дистанца. На сите патници на влезовите ќе им се мери телесната температура, а во аеродромските згради смеат да влезат само лицата кои патуваат, не и оние кои ги испраќаат.