ОСТАТОЦИ ОД ДРЕВЕН ХРИСТИЈАНСКИ МАНАСТИР ОТКРИЕНИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ АРАПСКИ ЕМИРАТИ

Дубаи, (АП)

Древен христијански манастир, кој веројатно датира од времето пред ширењето на исламот на Арапскиот Полуостров, е откриен на остров покрај брегот на Обединетите Арапски Емирати.

Манастирот на островот Синија фрла нова светлина врз историјата на раното христијанство долж брегот на Персискиот Залив. Ова е втор ваков манастир пронајден во Емирати, чија старост се проценува на 1.400 години.

Двата манастира биле изгубени за историјата, додека тамошните христијани постепено преминувале на ислам, кој станал доминантна вера во регионот. Христијаните денес се малцинство на поширокиот Блиски Исток.


Јаглеродното датирање на примероците пронајдени во основата на манастирот покажуваат дека тој потекнува од периодот меѓу 534 и 656 година.

Историчарите велат дека раните цркви и манастири се граделе долж Персискиот Залив до брегот на денешен Оман и понатаму сè до Индија. Археолозите ги имаат пронајдено и во Бахреин, Ирак, Иран, Кувајт и Саудиска Арабија. Првиот христијански манастир во ОАЕ е пронајден во почетокот на 1990-ите на островот Сир Бани Јас.

(Фото: АП)