ОТКАКО ПОМОГНАА ДА СЕ РАЗМНОЖАТ, ЗООЛОШКИТЕ ГРАДИНИ ОД ЕВРОПА ВРАЌААТ ЦРНИ НОСОРОЗИ ВО АФРИКА

Лондон, (Би-Би-Си)

Зоолошки градини од Европа организираа транспорт на пет источни црни носорози во Африка, во најголемата и најсложена ваква операција досега, што почна да се планира уште минатата година. Три женки и два мажјака на возраст од две до девет години беа преместени во национален парк во Руанда од Англија, Чешка и Данска, при што морале да поминат 30-часовен пат од 6.000 километри.

„Овие животни пред многу години биле донесени во Европа заради забава и сега ќе можат да ја исполнат својата вистинска улога во Руанда“, вели Марк Пилгрим, директорот на зоолошката градина во Честер.

Родени во заробеништво, животните некое време ќе останат во посебен ограден простор, сè додека ветеринари и експерти за див свет не одлучат дека се подготвени за самостоен живот во дивина.

Овој проект почнал пред 12 години, кога европските зоолошки градини се согласија да почнат да ги преместуваат носорозите низ континентот со цел да ги спаруваат и размножуваат. Ова донесе одлични резултати, па денес, 10% од светската популација на критично загрозените црни носорози живеат во заробеништво во Европа, односно 94 од проценетите 1.000 низ цел свет.

„Ослободените примероци се потомци на носорози кои пред повеќе од 40 години биле донесени од Источна Африка во Европа. Ова е совршена можност да ги вратиме дома“, вели Јан Стејскал од Сафари паркот во чешкиот град Друв Кралове.