ОВАА ГОДИНА ЌЕ БИДАТ ФРЛЕНИ НАД ПЕТ МИЛИЈАРДИ МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ БЕЗ ДА СЕ РЕЦИКЛИРААТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Оваа година, во светот ќе бидат фрлени 5,3 милијарди мобилни телефони без да се рециклираат, кажа Меѓународниот форум за отпадна електроника (ВЕЕЕ), нагласувајќи ја сериозноста на овој проблем за животната средина.

Истражувањето, засновано врз глобалните податоци за продажба, вели дека голем број луѓе чуваат стари телефони, место да ги рециклираат.

На тој начин, не се извлекуваат драгоцени минерали од отпадна електроника, како бакар од жиците или кобалт од батериите на полнење, па тие мора да се ископуваат. Луѓето најчесто не сфаќаат дека сите овие навидум безначајни предмети имаат вредност“, изјави генералниот директор на ВЕЕЕ, Паскал Лирој.

Се проценува дека на светот има околу 16 милијарди мобилни телефони, а во Европа, една третина од нив не се користи.

ВЕЕЕ вели дека нивното истражување покажа дека „планината“ од отпадни електронски и електрични уреди ќе порасне до 74 милиони тони до 2030 година. На светот соодветно се рециклираат само 17% од е-отпадот и целта е ова да порасне на 30% следната година.

(Фото: Гети)