ПАТУВАЧКОТО КИНО НА МАКЕДОКС ОД ДЕНЕС ДО 12 ЈУЛИ ВО СТРУШКИТЕ И ПРЕСПАНСКИТЕ СЕЛА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Патувачкото кино на МакеДокс почнува од денеска во селото Радожда, струшко, каде ќе биде лоциран базниот камп, а оттаму ќе се упатува кон селата од двете страни на границата.

Патувачкото кино ќе се одржува до 12 јули и ќе има проекции во села околу двете езера, Охридско и Преспанско Езеро од македонската и од албанската страна.

Ќе се одржат седум проекции во 4 македонски и 3 албански населени места по следниот редослед: Лабуништа (2 јули), Бучимас (3 јули), Вишни (5 јули), Драслајца (6 јули), Пустец (7 јули), Луково (10 јули) и Лин (11 јули).

Паралелно со проекциите на документарните филмови ќе се одвиваат и други активности, како патувачката библиотека на МакеДокс со книги собрани со донаторска акција, а кои на крајот ќе бидат донирани на основното училиште во Радожда. По проекциите во Драслајца, Пустец, Луково и Лин планирани се музички забави. Патувачкото кино на МакеДокс се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, амбасадата на Германија и Фондот на Западен Балкан.