Четири години откако Словенија ја доби поддршката на Обединетите нации за воспоставување на Светскиот ден на пчелите, пчеларската традиција на оваа мала европска земја е додадена во Светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Министерството за култура на Словенија во својата номинација кажа дека таа го одразува богатството на нејзината пчеларска традиција, која се одликува со долга историја и обемни вештини, практики и знаења кои се пренесуваат од генерација на генерација.
„На пчелите и пчеларството треба да им се посвети посебно внимание во времето на климатски промени, а традиционалното пчеларство мора да се негува“, изјави министерката Аста Вречко.
Словенечките пчелари имаат околу 200.000 пчелни колонии, а локалниот подвид крањска пчела е позната по своите послушност, трудољубивост и одлично чувство за ориентација. Пчеларството денес е и туристичка атракција во Словенија, каде што првпат било регистрирано во 13. век.