ПЕЈАЧКАТА МАРИЈА АТАНАСОВА ГИ ДОНИРАШЕ СРЕДСТВАТА ОД ПРОДАЖБАТА НА СВОЈОТ ФУСТАН ОД МАКФЕСТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Младата штипска пејачка Марија Атанасова, која на годинашниот Макфест пееше во фустан изработен од лицата од Дневниот центар и децата од големите групи во градинката „Астибо“, веднаш по настапот рече дека го дава фустанот на аукција. Луѓе кои првично се јавиле како потенцијални купувачи се откажале, па се јави модниот салон „Аџико“ од Штип.

Со средствата од купениот фустан веднаш биле набавени и донирани климауреди за градинката „Астибо“ и за Дневниот центар за лица со попреченост во Штип.

По оваа првична донација, модниот салон го изложи фустанот во своите продажни простории во центарот на градот и повторно го стави на аукција, со цел да се соберат уште повеќе средства за децата кои го изработиле.

Марија Атанасова, која е студентка на Музичката академија во Штип како виолончелист и пејачка, првпат настапи на Макфест во 2022. Годинава беше единствената штипјанка на фестивалот, при што се истакна и со интерпретацијата и со модната креација.

Т. ЈОВАНОВСКИ