Писателот Никола Алтиев е годинашниот добитник на литературната награда за животно дело „Коле Неделковски“. Наградата му беше врачена во родното село на поетот, Војница кај Велес.
Алтиев е роден во Велес, а подоцна се преселил во Скопје, каде што живее и денес. Почнал да пишува поезија во младоста, а неговото творештво опфаќа 23 поетски збирки, шест збирки раскази, три романи, две книги со книжевна критика, две книги од областа на фолклористиката, повеќе библиографии и една монографија. Долго време бил раководител на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
„Оваа награда ми значи премногу, затоа што сум роден во Велес и ми ја доделуваат моите велешани“, рече Алтиев.
Наградата „Коле Неделковски“ ја доделува Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, во соработка со Градската библиотека „Гоце Делчев“ и Народниот музеј од Велес. Традиционално се доделува на 2 септември, денот на смртта на поетот Коле Неделковски.
П. ПЕЧКОВ