Овој продолжен празничен викенд Велес ќе биде со мирисот и вкусот на традиционалната пита пастрмалија. Позната е цената на една пита – 240 денари, која ќе биде иста за сите угостители кои ќе имаат штанд на манифестацијата.
„Започнува најмасовната, најзабавна и најпосетена манифестација, фестивалот на велешка пита и вино Питијада 2024. Ќе има забава за сите генерации, вкусни пити пастрмалии и квалитетно вино од локалните производители и винарии“, соопшти од Александра Иванова, која е дел од организацијата на манифестацијата.
Фестивалот на велешка пита започнува утре попладне (11 октомври) со настапот на децата од градинката „Димче Мирчев“. Потоа следува настапот на велешката група „Соната“, на која ќе ѝ се придружи Нино Величковски. Првата вечер завршува со Слаткаристика и „Суперхикс“ од 23:30 часот.
Забавата продолжува в сабота. Во вечерните часови посетителите ќе уживаат во песните на Спасен Сиљаноски, Александра Јанева, Мики Секуловски и Саша Ковачевиќ.
В недела ќе настапат детскиот хор „Поточиња“, Огнен Здравковски, Благоја Грујовски, Елена Ристеска и „С.А.Р.С.“.
Во текот на фестивалот ќе има и базар со рачни изработки.
П. ПЕЧКОВ