Планинарите кои го качуваат Монт Еверест отсега ќе мора да го собираат сопствениот измет и да го донесат во базниот камп, кажаа непалските власти.
„Нашите планини почнаа да смрдат“, изјави Мингма Шерпа, претседателот на руралната заедница Пасанг Ламу, која покрива најголем дел од регионот на Еверест.
Поради екстремните температури, изметот оставен на Еверест веќе не се распаѓа целосно. Планинарите кои го качуваат Монт Еверест или соседниот врв Лотсе ќе мора да купат кеси за измет во базниот камп, кои ќе бидат проверени по враќањето.
„Добиваме поплаки дека има човечки измет на карпите, што е неприфатливо и го нарушува нашиот углед“, додаде Мингма.
Во базните кампови има тоалети, но работите стануваат потешки кога ќе почне качувањето. Малкумина го враќаат изметот назад.
Иако нема официјални бројки, се проценува дека на Монт Еверест има три тони човечки измет меѓу првиот и четвртиот базен камп. Се верува дека половина од него е во четвртиот камп, кој се наоѓа на надморска височина од 7.906 метри.
(Фото: Гети)