ПЛАНИНАТА МАТЕРХОРН ИМ ПРАЌА ПОРАКИ НА ШВАЈЦАРЦИТЕ СРЕДЕ ПАНДЕМИЈАТА НА КОРОНАВИРУСОТ

Женева, (Би-Би-Си)

Секоја вечер, најпознатата планина во Швајцарија, Матерхорн, е осветлена со пораки поврзани со пандемијата на коронавирусот.

„Останате дома“ и „Надеж“ се пораките кои можат да се прочитаат на еден од најспектакуларните врвови во Европа, во периодот кога Швајцарија ја надмина бројката од 12.000 заразени и 200 починати од КОВИД-19.

Во Швајцарија, земја со 8,5 милиони жители, веќе четири недели се забранети јавни собири, при што беа откажани некои од најпрестижните настани во земјата, како Автосаемот во Женева и Саемот на часовници во Базел.

Пред две недели беа затворени и училиштата, а веќе десетина дена не работат ни рестораните, баровите и кафулињата.

Швајцарија е богата земја, но во овие околности, 150.000 бизниси работат со намален број часови. Владата најави помош од 42 милијарди франци (44 милијарди долари), но веќе призна дека тоа нема да биде доволно.