ПОП ПЕРФЕКЦИЈА – КРИТИЧАРИТЕ ВООДУШЕВЕНИ ОД НОВИОТ АЛБУМ НА ДУА ЛИПА

Лондон, (Би-Би-Си)

Дуа Липа ја воодушеви светската музичка критика откако вчера предвреме го објави својот втор албум „Идна носталгија“ (Future Nostalgia), кој беше опишан како „поп перфекција“.

Албумот оригинално требаше да излезе на 3 април, но британската пејачка со косовско потекло го направи тоа една недела порано, откако тој протекол на интернет.

„Имав измешани чувства околу тоа дали сега е вистинско време да се издаде албум, бидејќи многу луѓе страдаат. Сепак, мислам дека музика е она што најмногу ни треба во овие тешки моменти. Мора да пронајдеме радост и светлина“, кажа Дуа Липа преку Инстаграм.

Светските медиуми не штедат пофални зборови за новиот албум на 24-годишната Липа, која „Гардијан“ ја опиша како „вистински поп визионер“. На сајтот „Метакритик“ албумот има висока оценка 92.

„Албумот е моќна поп перфекција од ѕвезда која не се плаши да каже што мисли. Нејзиниот неверојатен албум допира теми како секс, нееднаквост и женска моќ“, пишува музичкиот сајт НМЕ.

Дуа Липа, која е родена во Лондон и само мал дел од животот поминала во Косово, го издаде дебитантскиот албум пред три години и веднаш се наметна како нова голема ѕвезда во поп музиката.