Сонда на НАСА дизајнирана да продре во внатрешноста на Марс успешно слета на неговата површина по шестмесечен лет и поминати 482 милиони километри, но последните шест минути драматично се преживуваа на Земјата.

„Приземјувањето е потврдено“, објави контролор на летот во контролниот центар во Пасадена, Калифорнија, во 20.50 часот по македонско време.

За цело време на слетувањето, „Инсајт“ испраќаше информации во вид на радиосигнали, на кои им требаа осум минути за да ја поминат далечината од 160 милиони километри меѓу Марс и Земја. Слетувањето се следеше во музеи, библиотеки и планетариуми низ САД, како и на њујоршкиот Тајмс сквер.

Почнувајќи од 1976 година, ова е деветтата мисија на НАСА на Марс и само една не беше успешна. Последното приземјување го направи „Кјуриосити“ во 2012 година.

Планот предвидуваше „Инсајт“ во рок од шест минути да ја намали брзината од 19.800 километри на час на нула, додека се пробиваше низ атмосферата на Марс.

„Слетувањето на Марс е една од најтешките работи во планетарните истражувања. Тоа е толку тешка и опасна задача, што секогаш постои голема шанса нешто да тргне на лошо“, изјави главниот научник од проектот, Брус Банерт.

Марс важи за гробиште на вселенски мисии и процентот на успешност досега изнесува само 40%.

Прва од таков вид, „Инсајт“ не е експедиција на собирање камења. За да се добие увид од што е составена внатрешната структура на Марс, сондата ќе ја мери внатрешната топлина и ќе регистрира таканаречени марсотреси. „Инсајт“ нема способност да детектира живот на Марс.