ПО РАКОМЕТНО И ФУДБАЛСКО, КАТАР ЌЕ ОРГАНИЗИРА И СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По ракометно и фудбалско, Катар ќе биде домаќин и на светско првенство во кошарка, уште еден спорт во кој нема никаква традиција. Станува збор за Мундијалот во 2027 година, а за првпат од првенството во Индијанаполис во 2002, целиот турнир ќе се игра само во еден град – Доха.

„Импресионирани сме од понудата на Катар. Добрата поврзаност, врвната услуга и флексибилноста на распоредот беа некои од условите кои ја убедија ФИБА да ја избере оваа држава“, изјави претседателот на Светската кошаркарска федерација, Хамане Дијанг.

Уште една предност што ја истакна ФИБА е што сите сали во кои ќе се играат мечевите се веќе изградени и сите се оддалечени во рок од половина час една од друга.

Ова е прво светско кошаркарско првенство што ќе се игра во овој дел од светот.