ПО ЦРНА ГОРА, И НОВ ЗЕЛАНД ГО ИСКОРЕНИ КОРОНАВИРУСОТ, ИСЛАНД И ХРВАТСКА СЕ БЛИСКУ ДО ТОА

Велингтон, (АП)

Точно на полноќ по локално време, Нов Зеланд ќе ги укине речиси сите рестриктивни мерки, откако стана една од ретките држави на светот која успеала да го искорени коронавирусот.

Во земјата веќе 17 дена не е регистриран ниеден нов случај на зараза, иако за тој период биле направени околу 40.000 тестови. Последниот познат пациент беше жена од Окленд во 50-ти години и таа сега исто така е излекувана.

„Го елиминиравме пренесувањето на вирусот во Нов Зеланд засега, но нема да кажам дека тој нема повторно да се појави. Тоа нема да биде знак дека сме потфрлиле, туку тоа е реалноста на вирусот. Ако се случи тоа, ние ќе бидеме подготвени“, изјави премиерката Џесинда Ардерн.

Се верува дека во иднина повеќето случаи на зараза ќе бидат увезени, па границите на Нов Зеланд засега остануваат затворени за странците. Сите кои влегуваат во земјата прво мора да одат во изолација.

Нов Зеланд прогласи карантин на 25 март и успеа да ја одржи епидемијата на 1.504 заразени и 22 починати.

Црна Гора беше првата земја во Европа која објави дека го искоренила коронавирусот, а блиску да го постигнат тоа се и Исланд (три активни случаи), Хрватска (15) и Словенија (17).