ПОЛЈАЦИТЕ ЈА ПРОМЕНИЈА ПОПУЛАРНАТА АВТОБУСКА ЛИНИЈА 666 КОН ХЕЛ

Полска, (Би-Би-Си)

Популарната автобуска линија 666 кон Хел во северна Полска е променета во 669 по долготрајните поплаки на верските конзервативци во земјата. Иако оваа линија, која води кон песочните плажи на одморалиштето Хел (Hel), беше шега за многумина, некои конзервативци тврдеа дека „шири сатанизам“.

Според Библијата, 666 е „бројот на ѕверот“, а Хел има едно л помалку од англискиот збор за пекол (hell).

„Ја превртуваме последната шестка наопаку. Бројот 669 е помалку контроверзен“, соопшти превозникот „ПКС Гдинија“.

Многумина ја критикуваа оваа одлука на социјалните мрежи, која ќе стапи на сила на 24 јуни.

Линијата 666 обично вози во лето долж брегот на Балтичкото Море, кон регионот кој располага со километри песочни плажи.