Се откажува концертот на српската пејачка на џез музика и шлагери Бисера Велетанлиќ (82) кој требаше да се одржи на 17 ноември од 20 часот во Филхармонијата, објави „Авалон“. Концертот е откажан од здравствени причини.
„Поради посериозна настинка, Бисера не е во можност да настапи на концертот оваа недела, па останува истиот да го презакажеме за некои посончеви и потопли денови, на пролет. Сите влезници купени онлајн ќе бидат автоматски рефундирани од страна на ticketx.mk“, велат организаторите.
Додаваат дека за влезниците купени во некоја од физичките локации, на оние кои ги купиле, парите ќе им бидат вратени на истото место. Велетанлиќ, која важи за еден од најдобрите вокали во поранешна Југославија, требаше да настапи со „Васил Хаџиманов бенд“, предводен од нејзиниот внук. Бисера е сестра на Сенка Велетанлиќ, сопругата на легендарниот пејач Зафир Хаџиманов.