ПОТВРДЕН СВЕТСКИОТ РЕКОРД, НА ОТВОРАЊЕТО НА РАКОМЕТНОТО ЕП ВО ГЕРМАНИЈА СЕ ИГРАШЕ ПРЕД 53.586 ГЛЕДАЧИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Европската ракометна федерација потврди дека на синоќешното отворање на Европското првенство во Германија бил соборен светски рекорд во бројот на гледачи на еден ракометен натпревар. На историскиот ден за ракометот, во арената во Диселдорф имало 53.586 гледачи.

Дел од овој спектакл беше и македонската репрезентација, која пред речиси полни трибини изгуби од Франција со 29:39 на првиот натпревар на првенството, пред рекордот и официјално да биде потврден на вториот меч помеѓу Германија и Швајцарија.

Ова беше овозможено со привременото претворање на стадионот „Меркур шпил арена“ во ракометен објект, за што околу теренот беа поставени и дополнителни трибини за 9.000 гледачи.

Тоа не беше првпат ракомет да се игра на фудбалски стадион, но убедливо беше надминат досегашниот светски рекорд од 44.189 гледачи, поставен на бундеслигашкиот натпревар помеѓу Рајн-Некар Левен и Хамбург, одигран во „Комерцбанк арена“ во Франкфурт во 2014.