Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вчера (23 декември) премиерно ја изведе претставата за деца „Новогодишна збрка“. Работена е според текст на Катерина Момева, во режија на Деан Дамјановски. Претставата ќе се игра по двапати на ден до 30 декември.
„Со цел збогатување на културната понуда во градот со содржини наменети за најмладата публика, а во пресрет на новогодишните празници, Велешкиот театар подготви новогодишна претстава наменета за деца на возраст од четири до 12 години. Затоа што децата заслужуваат да уживаат во празничната магија“, велат од Театарот.
Во претставата играат Кети Борисовска, Зорица П. Панчиќ, Исидор Јованоски, Талија Настова, Самоил Стојановски, Благојчо Стојанов и Симона Димковска.
Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите се креација на Катерина Чукниева, а автор на музиката е Темелко Андреев.
П. ПЕЧКОВ