ПРИВАТЕН ИНВЕСТИТОР ЌЕ СОЗДАДЕ ОГРОМЕН КОРАЛЕН ГРЕБЕН ПОКРАЈ БРЕГОТ НА ДУБАИ

Дубаи, (Си-Ен-Ен)

Покрај брегот на Дубаи ќе се создава корален гребен од 500.000 квадратни метри.

Зад проектот стои „Клајндинст груп“, компанија која го создаде мегаресортот „Срцето на Европа“, кој се состои од мрежа на вештачки направени острови. Таа основа институт за корали, чија цел е да одгледува и регенерира корали.

Тој користи техника наречена фрагментација, при што делови од корали се сечат со мала електрична пила, овозможувајќи секој корал да се регенерира илјадници пати. Делови од корали потоа ќе се складираат во водени резервоари и ќе се набљудуваат и негуваат од тим на поморски биолози, сè додека не пораснат доволно за да формираат гребен.

„Институтот за корали ќе го чува и заштитува генетскиот фонд на корали околу Арапскиот Залив“, изјави Јозеф Клајндинст, претседателот на „Клајндинст груп“.

Едно истражување од 2013 година покажа дека 73% од коралите во Обединетите Арапски Емирати се уништени преку процесот на белење, што е резултат на климатски промени и човечки активности.